„Гладијаторите“ издржаа само 20 минути – Вардар рутински против Охрид

Вардар го доби и третото дерби во плејофот, овојпат против „подмладениот“ Охрид кој допатува во Скопје без најважните играчи и очекувано немаше сили многу да дава отпор. На крај домашните победија со 31-21 (17-12), и останаа на првото место на табелата со предност од шест бода во однос на Еурофарм Пелистер.

Требаше да биде дерби на колото, ама охриѓани решија да ги одмараат најдобрите играчи и да ги чуваат за реванш средбата со Олимпијакос што треба да се игра во сабота во „Билјанини Извори“. Тренерот Борис Ројевиќ и оние од првиот тим останаа дома да тренираат, бидејќи сакаа поодморени да ги дочекаат реваншот на кој имаат предност од пет гола од првиот меч. Им следува период на Охриѓани од неколку дерби средби, кои можат да го решат и конечниот пласман на табелата.

А почна Охрид сосема добро, и имаше и предност од два гола во неколку наврати, се до 13 минута кога Вардар израмни на 7-7, а потоа и ја презеде иницијативата и водството. Се до 21 минута гостите некако и се држеа, имаа негатива од само два гола, по што следуваше серија на Вардар со која во 27 минута имаа водство 16-11. Не ги сфатија домашните „мотивирано“ играчите од противничката екипа, па затоа и немаше „брзо и лесно“ резултатско одлепување.

Очигледно беше дека Вардар нема да има многу проблеми да победи, а домаќините тоа го знаеја и немаше многу набој во играта, ниту многу притисок. Полека се правеше разликата, иако според разликата во квалитетот требаше предноста на „црвено-црните“ да биде најмалку двоцифрена.

Како што и Охрид беше со „вториот тим“ , така и Вардар во второто полувреме шанса им даде на резервистите, и оние што помалку влегуваат. На голот беше Еспиња, на линијата од шест метри Атанасовски, во бековската линија Танкоски, Кавада на крило Пинто. Сите требаше да се разиграат. Во 47 минута вардарци поведоа со 26-18 што беше дотогаш највисокото водство.

До крај на средбата предноста се зголеми до 31-21, во 59 минута, како највисока разлика.
Васил Гогов и Мигел Еспиња беа единствените кои не постигнаа гол во Вардар, а најефикасни беа Митровиќ со 6 и Горига со 4 гола. Кај гостите 6 гол ададе Кукуловски, а 4 постигна Никола Ристески.