Тимот на Фуксе Берлин им се врати на победите по поразот кај Висла Плоцк, откако славеше во дербито против Фленсбург со 36-31 и во победничка атмосфера ќе го чека Еурофарм Пелистер в четврток.
На дербито блескаа Матијас Гидсел со осум гола и Дејан Милосављев кој имаше 15 одбрани, а сигурен пеналџија беше Фрејхофер кој даде 12 погодоци.
По 3-3 на стартот, домаќините си го фатија редот, направија солидна залиха од шест гола во првиот дел и ја одржуваа во продолжение.
Фленсбург успеа на два пати во второто полувреме да стигне на минус еден, но немаше сили за комплетен камбек во мечот и на крајот мораше да се помири со пораз.
Во поразениот тим одличен беше голманот Мелер со 13 одбрани, од кои три пенали, како и Питлик со осум гола.
Сега Фуксе Берлин има 31 бод и ќе го продолжи притисокот над лидерот Мелсунген кој има 34. Втор на табелата е Хановер со 31, додека Кил е на четвртото место со 30 бода, додека Фленсбург заостанува шест бода за првопласираниот тим.