ФОТО: ЖРК Лада Тољати

Гичевска блесна, Лада продолжи победнички во Русија

Македонската репрезентативка Леонида Гичевска, која настапува за некогашниот учесник во ЛШ, Лада Тољати, се наоѓа во одлична форма пред настапот на Европското првенство 2024.

Лада Тољати во натпревар од рускиот шампионат гостуваше кај Агу Адиф и без многу проблеми оствари победа, која што беше изразена со пет гола разлика, 34:29, а Гичевска и колешките планираните бода ги запишаа уште на пауза кога заминаа со предност од 19:9.

Македонката на денешниот натпревар беше шутерски расположена и во мрежата на домашниот тим постигна шест погодоци од седум обиди, со што беше најефикасна во победничката екипа, но и подели неколку асистенции кон своите соиграчки.

За Лада Тољати денешниот триумф беше четврти во новата натпреварувачка сезона, тимот на Гичевска, моментално, се наоѓа на 6. позиција на табелата, на свое конто има десет бода. Следен предизвик за клубот од Тољати ќе биде дуелот со некогашниот првак на Европа – Ѕвезда Звенигород.