Еден од новите ракометари за новата сезона во редовите на Бутел Скопје е грузискиот лев бек Давид Гришикашвили.
Младиот репрезентативец на Грузија во Македонија ќе го има првото интернационално искуство во кариерата и ќе има можност за настап во најсилната лига на Балканот.
Тој има одлични први импресии од клубот, градот, државата…
„За мене е голема чест да бидам овде во Бутел Скопје. Првите минати денови овде ги надминаа моите очекувања. Ми се допадна и градот и државата од ‘прва’. Знаев многу за клубот и за лигата пред да дојдам бидејќи многу грузиски ракометари играа или играат овде во Македонија. Сите ми кажаа само убави зборови за Бутел Скопје и неговиот тренер и дека ова е одлично место за мене за развој. Се работи за тим е популарен кај младите играчи, се игра модерен ракомет“, вели Гришикашвили.
Грузиецот вели дека не е важно која екипа е на другата страна, туку посакува екипата да размислува само на победи.
„Кога играме некој натпревар, не се грижиме многу за ривалот и кој е од спротивната страна, секогаш одиме на победа, не само јас туку и моите соиграчи размислуваат на ист начин и ќе се обидеме да добиеме што повеќе натпревари оваа сезона и заедно да ги оствариме целите на клубот“, заврши Гришикашвили.
Прв предизвик за Бутел Скопје во новата сезона ќе биде дуелот со шампионот Еурофарм Пелистер на 4 септември од 18:00 часот во салата „Антон Димитров“.
Веднаш потоа екипата заминува за Луксембург, каде в сабота го започнува настапот во ЕХФ Европскиот Куп против екипата на Дуделанж.