Еден од домаќините на СП, Германија, избори пласман во полуфиналето на Светското првенство. Германките беа убедливи во првото четвртфинале и во Дортмунд го декласираа Бразил со 30-23. Во полуфиналето ги очекува победникот од дуелот меѓу Данска и Франција.
Домашната селекција од самиот почеток наметна висок ритам и рано поведе со убедливи 8-3. Бразилките накратко се доближија на 9-7, но потоа повторно паднаа во играта, што Германија го искористи и на пауза замина со солидни 17-11.
На стартот од вториот дел Германките трипати ја достигнаа максималната предност од осум гола. Бразил имаше краток блесок и намали на 25-22, но тоа беше нивниот последен обид за пресврт. Германските ракометарки повторно притиснаа, се одлепија и сигурно ја приведоа победата кон крај.
Најефикасни кај победничката селекција беа Антје Дол со шест и Емили Вогел со пет погодоци. Во составот на Бразил се истакна Бруна Де Паула со шест гола. Во второт четвртфинале денеска ќе играат Норвешка и Црна Гора.

























