Германија на крилјата на Волф го победи соседот Австрија, Норвешка не виде мака против Украина

Селекцијата на Германија триумфално го започна настапот на Европското првенство откако го победи соседот Австрија со 30-27, додека домаќинот Норвешка немаше никакви проблеми на премиерата и ја совлада убедливо Украина со 17 голови разлика, 39-22.

Бундес тимот предводен од голманот Андреас Волф со 12 одбрани немаше големи проблеми против Австријците, кои секогаш беа „тука некаде“ но кога требаше да погодуваат, тие грешеа и шансите одеа во неповрат.

По водството на Германија со 6-3, преку Фримел, Австрија израмни на 6-6, но погрешија Билик и Хутечек, „панцирите“ казнија со лесни погодоци и на паузата заминаа со плус четири, 12-8.

Во второто полувреме водството на Германија се движеше меѓу три и пет погодоци, а секогаш кога одбраната ќе попуштеше тука беше Волф да спасува. Кога остануваа уште пет минути за игра имаше малку повеќе возбудувања.

Австрија реализираше за минус два, 26-24, самодовербата се зголеми, голманот Мостл одбрани две топки, но немаше време за нешто повеќе особено откако Волф му фати пенал на Фримел.

Еден од домаќините, Норвешка, немаше никакви проблеми на стартот во првото коло и ја победи Украина со 39-22. Нерешено беше само на стартот, 1-1, а потоа се беше во знакот на момците на Виле, кои до паузата имаа плус осум, 19-11.

Последниот гол на Украина беше постигнат од слободен удар од Турченко во стилот на Пранди од слободен удар. Но тоа беше премалку за некаква закана, бидејќи вториот дел мина во уште поголема доминација на Норвешка.

По седум погодоци за Норвешка дадоа Блонц и Андерсон, голманите Бергеруд и Хауг комбинираа 12 одбрани, додека Турченко беше најдобар стрелец кај Украина со пет гола, а голманот Комок фати седум удари.