Германија ја сруши Хрватска и по десет години ќе игра за злато!

Селекцијата на Германија е првиот финалист на Европското првенство во Данска, Шведска и Норвешка, откако во полуфиналето беше подобра од Хрватска со 31-28. Германците го решија прашањето на победникот на стартот на вториот дел кога направија клучна серија и се одлепија на седум гола позитива. Иако Хрватите се заканија во финишот, намалија на минус два, сепак тоа не беше доволно за камбек во мечот.

Ривал за злато на избраниците на Алфред Гисласон ќе им биде победникот од средбата меѓу Данска и Исланд, а поразениот од овој дуел ќе се соочи со Хрватска во битката в недела за бронезниот медал.

По финалињата во 1998, 2004 и 2016 година, ова е четврти пласман во финалните средби за Германците и четврта можност за злато на континенталните собири, кое го освојуваа во 2004 и 2016 година.

Мечот почна со брзи голови на двете страни, имаше дури 13 израмнувања на резултатот до 13-13, пред Волф и Кузмановиќ да почнат да бранат солидно. Тогаш Германците врзаа два гола за 15-13.

Волф собра осум одбрани, хрватскиот селектор Дагур Сигурдсон беше упорен со тактиката „седум на шест“, но по грешките во нападот, беа сурово казнувани и Германија ја задржа предноста на паузата, 17-15.

На стартот на вториот дел, Волф беше уште подобар, на Хрватите почна да им снемува сила во нападот, бековските удари беа лесно блокирани од одбраната на чело со Фишер, а германската машина во нападот лесно погодуваше во нападот и отиде на плус седум, 24-17.

Но и Германците имаа свои лоши „пет минути“, Хрватска се доближи на минус четири. Имаа во три наврати шанси и за минус три за да го направат мечот поинтересен, а тоа конечно им успеа кога останаа уште три минути за играње, откако погоди Лучин од пенал за 29-26.

По грешката на Кнор, Мандиќ не искористи контранапад за уште повеќе да се закани хрватскиот состав и казната стигна преку Цербе за 30-26. На минута до крајот Хрватите намалија и на минус два, но Ушчинс ги реши сите дилеми со погодокот на триесетина секунди до крај.

Волф имаше 13 одбрани, а меѓу стрелците се истакнаа Цербе со шест, како и Гола, Ушчинс, Кнор, Мертенс и Фишер со по четири гола. Кај Хрватска, Лучин даде пет гола.