Селекцијата на Германија се врати по шок поразот од Србија, ја совлада Шпанија со 34-32 и го испрати нашиот северен сосед по три меча дома. Во главната рунда одат бундес тимот и „фуријата“, а Германија носи и два бода.
Шпанија водеше само со 1-0 и 2-1, потоа контролата ја преземаа Германците. Иако Хернандез беше солиден на голот, на спротивната страна и Волф бранеше тоа што треба, па неговите соиграчи полека се одлепуваа.
Кон средината на првиот дел момците на Гисласон стигнаа до плус четири, 15-11, но по тајм-аутот на Рибера и до паузата, Шпанија успеа да ја преполови негативата, 17-15. Слично се одвиваше ситуацијата и во вториот дел, Германците ја имаа контролата, но Фис и Гури ја одржуваа нивната селекција во живот.
„Фуријата“ успеа да се врати на минус еден, но Шпат кој го замени Волф во вториот дел исто фати неколку топки, па не дозволи комплетен камбек и разликата се движеше меѓу два и три гола во корист на Германија.
Кога Ушчинс зголеми на четири позитива на три минути до крајот, 32-28, практично беа решени дилемите околу победникот и радоста на големиот број Германци на трибините можеше да започне.
Ушчинс со осум гола беше најдобар кај „панцирите“, додека Гури даде седум за Шпанија.
Во дербито за првото место во групата Ц во Осло, европскиот шампион немаше големи проблеми против домаќинот. Франција ја победи Норвешка со 38-34 и ќе пренесе два бода во главната рунда.
И покрај тоа што голманите Бергеруд и Хауг (14), имаа повеќе интервенции од франциските чувари на мрежата Дебоне и Болзанже (8), сепак тоа не беше доволно за нешто повеќе за Норвешка на овој меч. Повратникот Деска беше најдобар со шест гола, а кај домаќинот се истакна Сагосен со девет погодоци.
Третиот домаќин на ЕП, Шведска исто така без особен напор беше подобра од селекцијата на Грузија и славеше со 38-29. Триумфот на „трите круни“ беше доволен за место во главната рунда заедно со селекцијата на Хрватска.
Голманот Паличка и Апелгрен имаа 12 интервенции, а меѓу стрелците предничеа Рогановиќ и Клар со по шест погодоци, додека прво име кај Грузија беше Сковребадзе со 11 погодоци.


























