Германија ги потврди градовите за СП 2027, продажбата на билети почнува во декември

Германија ќе биде домаќин на машкото СП во 2027 година, а веќе во декември ќе почне и продажбата на билети за сите натпревари. Познато е дека СП ќе почне на 13 јануари, а финалето е закажано за 31 јануари 2027 година.

Отварањето ќе биде со мечевите од групната фаза во градовите Минхен, Штутгарт, Кил и Магдебург. Во секој од овие четири града ќе играат по две групи од по четири репрезентации. По три најдобро пласирани од секоја група ќе продолжат во главната рунда, која ќе се игра во Келн и Хановер од 20 јануари.

Завршницата ќе се одржи во Келн, од 26 до 31 јануари, со финале на 31 јануари 2027 – точно 20 години по историската титула на Германија во 2007 година.

Германската репрезентација ќе го започне турнирот во Минхен. Доколку се квалификува за главната рунда, ќе продолжи во Келн, каде ќе се обиде да оди колку што е можно подалеку.

ИХФ и ја довери организацијата на СП 2027 на германската федерација уште во 2020 година. Учесници се вкупно 32 репрезентации. Германија како домаќин и Данска – четирикратен светски шампион – веќе се квалификувани. Останатите учесници ќе се определат преку ЕХФ ЕУРО 2026, континенталните првенства и европските плејоф натпревари на пролет 2026 година.

Ова ќе биде осми пат Германија да биде домаќин на Светско првенство во машки ракомет (претходно: 1938, 1958, 1961, 1974, 1982, 2007, 2019). СП 2027 е дел од “деценијата на ракометот”, започнато со Мундијалот за играчи до 21 година во 2023 и рекордната ЕП во 2024. Во 2025 Германија ќе биде ко-домаќин на СП за жени со Холандија, а во 2029 ќе соработува со Франција. Во 2032, за првпат Германија ќе биде домаќин на двојно Европско првенство – и за мажи (со Франција) и за жени (со Данска и Полска).