Ѓер е прв финалист – ја доби драмата со Есбјерг и ќе ја брани титулата во ЛШ

Ракометарките на Ѓер се пласираа во финалето на завршниот турнир и ќе ја бранат титулата во Лигата на шампионите.

Избраничките на Пер Јохансон славеа во интересен и драматичен натпревар против данскиот Есбјерг со 29-28.

Условно домаќинките на Ф4 беа константно во предност, но таа беше од еден до три гола, а Есбјерг беше тимот што бркаше негатива.

Во последните десетина минути беше 25-22 за Ѓер, но данскиот тим врати на минус еден пред Реистад, 25-24.

Имаа можност и за реми, но шансата ја пропуштија, па до крајот успеаја само да го ублажат поразот со голот на Хансон за 29-28 кога останаа уште десетина секунди.

Најдобри во победничкиот тим беа Хоушер со седум и Нзе Минко со пет погодоци, додека кај Есбјерг, Реистад беше прецизна седум пати, но направи и многу грешки.

Противник во финалето на Ѓер ќе му биде победникот од дуелот меѓу данскиот Оденсе и францускиот Мец.