Вардар имаше меч на домашен терен против големиот ривал Еурофарм Пелистер, но не успеа да слави и да ја освои титулата.
Битолчани победија со 32-30, а иако вардарци водеа со пет гола, на крајот не успеаја да се радуваат во својот дом.
Капитенот Гоце Георгиевски вели дека притисокот беше преголем.
„Им честитам на битолчани, сосема заслужено славеа, а ние подлегнавме на големиот притисок и не знаевме да се носиме до крај. Jaс сум горд на моите момци како сработивме оваа сезона, беше тешка и напорна. Не успеавме во овој последен натпревар, но тоа е спортот. Можеби она водство од пет гола не опушти, но се игра 60 минути, крај е кога судијата ќе свирне. Но пак ќе кажам притисокот беше преголем, не знаевме да се носиме и тоа е тоа. Вардар секогаш после тешки моменти се враќа посилен, така ќе биде и сега. Влеговме со минус бодови во плеј-оф, тешко беше, но Вардар секогаш се враќа на добри патеки по тешки моменти, но верувам во титула следната сезона“, заврши Георгиевски.
Вардар за следната сезона создава силен тим и ќе се обиде по три сезони да се врати на македонскиот трон.