Георгиевски: Натпреварот против Охрид ќе ни биде добра лекција пред плеј-офот!

Ракометарите на Вардар со голем пресврт во финишот успеаја да слават на тешкото гостување кај Охрид со 27-26, иако губеа и со шест гола.

Капитенот на „црвено-црните“, Гоце Георгиевски, вели дека овој натпревар ќе им биде добра лекција пред стартот на плеј-офот.

„Беше еден тежок натпревар, очекувавме така да биде. Екипата на Охрид е квалитетна, од меч во меч покажува дека се работи за добар тим. Мислам дека Охрид повеќе ја заслужи победата, водеше во текот на целиот натпревар, но знаете во спортот има и вакви мечеви каде што играш слабо и на крајот победуваш, овие победи на некој начин се слатки. Овој натпревар ќе ни биде добра лекција за она што ни претстои во плеј-офот, дека не треба да влеземе вака во мечот, да му препуштиме на противникот да ја диктира играта и на крајот да се спасуваме за победа“, изјави Георгиевски.

Сега следува репрезентативна пауза, па Вардар на 22/23 март ќе го одигра последниот натпревар од регуларниот дел на Супер лигата на домашен терен против Струга.