Ракометарките на Чаир в недела ќе го одиграат реванш дуелот против Керженг од втората рунда во Европскиот Куп.
Македонскиот тим на првиот натпревар, кој беше одигран во Луксембург, успеа да дојде до триумф од 26:24.
Пред реванш натпреварот, една од најдобрите ракометарки во Чаир, Стефанија Ѓорѓиевска, истакна дека во клубот сите се подготвени за неделниот натпревар.
,,Во тимот владее одлична атмосфера. Сите сме многу мотивирани и фокусирани, особено со оглед на тоа што играме на вака важно натпреварување како Европскиот Куп. Секој се труди да даде сѐ од себе и да помогне на теренот. Имаме добра комуникација и меѓусебна поддршка, што многу ни помага при подготвувањето за следните предизвици”, изјави Ѓорѓиевска.
И покрај предноста од два гола, левото крило на Керженг гледа како доста незгоден тим, кој во Скопје ќе дојде мотивиран, бидејќи нема што да загуби.
,,Иако имаме два гола предност, не смееме да се опуштиме. Очекуваме тежок и интензивен натпревар, бидејќи знаеме дека тимот од Луксембург ќе дојде максимално мотивиран. Ќе мораме да бидеме фокусирани од првиот до последниот момент, да играме тимски и дисциплинирано. Нашата цел е да ја искористиме предноста на домашен терен и да покажеме уште подобра игра од првиот натпревар, за да обезбедиме пласман во следната фаза. Керженг навистина се покажа како многу незгоден ривал, особено со нивната организирана игра и физичка подготвеност. Направивме детална анализа на нивниот стил на игра и ги идентификувавме нивните силни и слаби страни. Во реваншот ќе се обидеме да ги искористиме тие сознанија, да ја подобриме нашата игра и да ги минимизираме грешките од првиот натпревар. Секако, нашата цел е победа на домашен терен, со која би го завериле пласманот во третото коло од Европскиот Куп”, вели Ѓорѓиевска.
Според Ѓорѓиевска, клучни фактори на реваншот би биле дисциплината во одбраната и прецизноста во нападот.
,,Клучно за овој дуел ќе биде дисциплината во одбраната и прецизноста во нападот. Мораме да бидеме максимално фокусирани, да не дозволуваме лесни грешки кои противникот би можел да ги искористи. Исто така, важно ќе биде да го контролираме темпото на игра и да ги искористиме шансите што ќе ги создадеме. Поддршката од нашите навивачи исто така ќе игра голема улога, бидејќи играњето на домашен терен секогаш носи дополнителна мотивација”, истакна Ѓорѓиевска.
Чаирчанки се надеваат на голема поддршка од своите симпатизери, но и од љубителите на женскиот ракомет.
,,Поддршката од навивачите и љубителите на женскиот ракомет е од огромно значење за нас. Секогаш е прекрасно да се игра пред полни трибини, бидејќи тоа создава дополнителна мотивација за тимот. Присуството и поддршката на публиката може да биде решавачки фактор во натпреварите, особено во вака важни дуели. Затоа е убаво што женскиот ракомет добива сѐ поголемо внимание, и тимот го чувствува тоа секогаш кога играме на домашен терен”, заврши Ѓорѓиевска.
Натпреварот меѓу Чаир и Керженг ќе се одигра в недела во спортската сала „Автокоманда“, со почеток од 19:00 часот.