Гарабаја: Во Лигата на шампионите мора да играме перфектно сите 60 минути

Македонскиот првак Еурофарм Пелистер денеска патува за Полска, каде ќе игра со тамошниот првак Висла Плоцк во Лигата на шампионите.

Тренерот Рубен Гарабаја вели дека се работи за тим што игра цврста одбрана и има брз напад.

„Играме со Висла Плок, тим кој постојано расте и станува многу посилен. Имаат одлична атмосфера во салата и претставуваат сериозна закана за сите ривали. Играат со висок притисок и неверојатно цврста одбрана која е добро синхронизирана и разноврсна. Мораме да бидеме фокусирани и да не правиме грешки, зашто тие веднаш ќе ја искористат таквата ситуација. Брзи се во нападот и ги казнуваат сите грешки на ривалите. Ова е Лига на шампиони, тука нема простор за импровизации. Играме против најдобрите тимови во Европа и сакаме да освојуваме бодови. Се надевам дека нема да имаме кризен период во играта, како што беше случај на натпреварот со ГОГ Гудме, кога немавме добри солуции цели 15-20 минути. Мораме да одиграме перфектно во текот на целиот натпревар, само така може да се надеваме на позитивен епилог“, вели Гарабаја.

Натпреварот меѓу Висла Плоцк и Еурофарм Пелистер се игра во „Орлен Арена“ во Плоцк со почеток од 18:45 часот.