Гарабаја: Сакам секој навивач да биде горд на нашата игра и резултати

Македонскиот првак Еурофарм Пелистер ги стартуваше подготовките за новата сезона под водство на новиот стратег Рубен Гарабаја.

Шпанецот ги сподели импресиите по пристигнувањето во Битола и по првиот собир со ракометарите.

„Како играч имам големо искуство, но како тренер работам три години има уште многу да учам. Мислам дека го одбрав вистинското место, бидејќи и Еурофарм Пелистер како клуб расте. Овој клуб има голем потенцијал и моја цел е да го искористам тој потенцијал на секој ракометар во услуга на тимот. Сакам секој навивач да биде горд на нашата игра и резултати“, вели Гарабаја.

Тој ја продолжува низата на шпански тренери што работеа во македонските клубови како Раул Гонзалез, Давид Дејвис, Роберто Гарсија Парондо…

„Со Раул Гонзалез, Роберто Гарсија Парондо, Давид Дејвис бевме соиграчи во Ваљадолид, клуб кој веќе не постои како таков субјект. Сите зборуваме за една филозофија и еден вид на интерпретирање на ракометот, бидејќи наш учител беше Хуан Карлос Пастор. Тој секогаш велеше дека во секој од нас се крие потенцијален тренер и поттикна да стигнеме до тренерска кариера“, продолжи Гарабаја.

Тој очекува сите домашни трофеи да завршат во Битола, но и добар настап во Лигата на шампионите.

„Македонското првенство е силно натпреварување, но наша цел е да победиме на секој натпревар и да ги освоиме сите домашни титули. Во Лигата на шампионите мое мото е да одиме натпревар по натпревар, но со интенција да победиме на секој од нив“, заврши Гарабаја.

Пелистерци ќе се подготвуваат на Златибор и во Битола, а потоа ќе настапат и на турнирите во Охрид и Скопје.