Македонскиот првак Еурофарм Пелистер по ЕХФ неделата им се враќа на обврските во Лигата на шампионите и ќе се соочи со унгарскиот вицепрвак ПИК Сегед.
Тренерот на битолчани Рубен Гарабаја посочи дека можеби нема да смета на целиот играчки кадар, но дека и покрај тоа се надева на добар натпревар.
„Не чека уште еден тежок натпревар против одличен тим каков што е ПИК Сегед. Тие имаат одлични играчи на сите позиции, особено силни дефанзивци во средината, но и добри шутери од далечина, добар голман, едно од најдобрите крила во натпреварувањето. Тие се одлични, но ние ќе пробаме да изненадиме. Ние имаме проблеми со повреди, не знаеме дали сите ќе бидат подготовени за настап, но сигурен сум дека ќе имаме одлична поддршка од трибините, а јас можам да им ветам дека ние ќе го дадеме максимумот на теренот и дека ќе ги направиме горди на нас“, изјави Гарабаја.
Натпреварот меѓу Еурофарм Пелистер и ПИК Сегед се игра утревечер во салата „Боро Чурлевски“ со почеток во 20:45 часот.
























