Иако во првиот дел водеше со пет гола разлика, македонскиот првак Еурофарм Пелистер загуби од данскиот ГОГ Гудме со 31-28 во третото коло од Лигата на шампионите.
Тренерот Рубен Гарабаја ги сумираше импресиите по болниот пораз од ГОГ Гудме, кој го враќа чекор назад неговиот тим во битката за осминафинале.
„Можевме да видиме ‘три меча’ во еден. Тргнавме многу добро, ги следевме тактичките замисли на почетокот и тоа добро ни одеше. Потоа тие ја сменија играта, имаа разновиден напад и почнаа да играат директно со многу ситуации еден на еден и кога беа со човек повеќе, односно ‘седум на шест’ и тоа направи разлика. Долго време ни требаше да се навикнеме на таквата игра. Ги заборавивме нашите тактички движења и потоа доцна се разбудивме и сфативме дека мораме посилно да се браниме. Кога го разбравме тоа, веќе беше премногу доцна“, вели Гарабаја.
За Еурофарм Пелистер следува прво меч со Струга, па дерби со Вардар, домашен меч со Охрид, пред продолжувањето на елитната конкуренција.
„Имаме три натпревари до следниот меч во Лигата на шампионите. Сепак, не можеме да запреме бидејќи имаме два тешки домашни дуели во Супер лигата. Жалам што имаме неколку важни средби во Супер лигата една по друга, ама таков е календарот и мора да се подготвиме“, изјави Гарабаја.
Следен предизвик за Еурофарм Пелистер по две недели пауза во ЛШ, ќе биде гостувањето кај Висла Плоцк на 8 октомври.