Гарабаја: Мора да бидеме фокусирани на сите детали против Барселона!

Еурофарм Пелистер е пред најголемиот предизвик во досегашниот дел од сезоната во Лигата на шампионите – дуелот со најтрофејниот клуб во историјата на ракометот, легендарната Барселона. Првпат во историјата на ова натпреварување, каталонскиот гигант ќе гостува во Битола, а салата „Боро Чурлевски“ веќе е распродадена до последно место. Мечот е закажан за во среда во 20,45 часот.

Тренерот на македонскиот шампион, Рубен Гарабаја, добро знае што значи да се игра против Барселона – затоа што токму таму, во периодот кога беше активен професионален играч, ги бранеше боите на каталонскиот клуб. Со големо искуство од највисокото ниво, тој знае колку тежи името „Барса“ и колку е потребна ментална и физичка сила за да се издржи тој предизвик.

„Барселона е една од најдобрите три екипи во светот. Секој натпревар против нив е посебен, затоа што имаат мнигу ѕвезди и многу добри ракометари. Мора да бидеме фокусирани на сите детали. Ракометниот има помош од фудбалскиот клуб, нивната структура е извонредна. Таму сите ракометари се фокусирани само на настапите.“ изјави Гарабаја.

Тој потенцира дека неговиот тим мора да се потпре на дисциплина, колектив и поддршката од трибините:

„Секој тим против Барса максимално се бори, но само до одреден момент. При секое губење на концентрацијата, тие постигнуваат 3-4 брзи голови од контра напади, бидејќи имаат одлична одбрана и најдобар голман во светот, вели Гарабаја

Барселона ќе биде третиот гостин оваа сезона во Битола, по Загреб и ГОГ Гудме. Овојпат, пред македонскиот шампион стои историска можност – првпат во „Боро Чурлевски“ да се спротивстави на најмоќниот клуб на континентот.

Битола повторно ќе биде центарот на европскиот ракомет. Градот дише како едно, а салата ќе зоврие за да им даде поддршка на зелените херои.