Гарабаја: Игравме слаба одбрана – не успеавме да го неутрализираме Кукиќ

Македонскиот првак Еурофарм Пелистер загуби кај ПИК Сегед со 35-20 во натпревар од 8 коло во Лигата на шампионите.

Тренерот Рубен Гарабаја ги сподели импресиите по мечот во кој блескав настап имаше противничкиот голман Ролан Миклер со дури 19 одбрани.

„На минатонеделниот дуел меѓу двете екипи нашиот голман имаше повеќе од 50% одбранети удари, а тоа вечерва не успеавме да го повториме. И нашата игра во одбрана генерално беше послаба. Не успеавме да ги затвориме ситуациите еден на еден и два на два, ниту пак да го неутрализираме Лазар Кукиќ. Тоа беа главните разлики во споредба со нашиот претходен триумф“, изјави Гарабаја.

Левиот бек Ник Хенигман играше во ПИК Сегед четири сезони и се врати во овој град по неколку години.

„Со убави чувства се вратив во Сегед, тука поминав четири прекрасни години. Одлично беше повторно да ги видам навивачите и пријателите. Што се однесува до натпреварот, овој пат не бевме доволно силни за задачата, одбраната не ни функционираше, а Роланд Миклер имаше одлична вечер. Видливи се нашите проблеми, мора да работиме на нив“, изјави Хенигман.

Следен предизвик за битолчани ќе биде натпреварот со европскиот шампион Магдебург на 26 ноември од 20:45 часот.