Гарабаја: Горд сум на моите ракометари, игравме против еден од најдобрите светски тимови

Македонскиот првак Еурофарм Пелистер одигра храбро против европскиот шампион Магдебург, но не успеа да приреди сензација.

Тренерот на битолчани, Рубен Гарабаја, вели дека е горд на неговите ракометари и задоволен од пристапот на мечот против еден од најдобрите светски тимови кој славеше со 31-26.

„Ова беше поинаков пораз за разлика од оној во минатото коло против ПИК Сегед. Горд сум на моите ракометари, бидејќи денес игравме против еден од најдобрите тимови во светот. Задоволен сум на пристапот и играта „еден на еден“. Магдебург е многу добар во тој сегемнт, но покажавме високо ниво на игра во одбрана, иако тоа не беше доволно. Мора да продолжиме со нашата работа и да се гордееме, бидејќи денес бевме на нивото. На почетокот промашивме неколку лесни шутеви, но и лесно загубивме многу топки во првиот дел. Имавме осум во првиот дел, во вториот само една. Но, ако правиш грешки против екипа како Магдебург многу тешко е да се надеваш на позитивен резултат“, изјави Гарабаја.

Следен предизвик за Еурофарм Пелистер ќе биде гостувањето кај Загреб, на 3 декември, кое може да се покаже како клучно во битката за осминафиналето во Лигата на шампионите.