Галевски: Тука сум да ја користам секоја шанса – сеедно дали пет, десет минути или цел меч

Maкедонија ја совлада Украина со 31-26 во второто коло од „Жолтиот Куп“ во Швајцарија и остана во трка по трофејот.

Иако Македонија губеше со четири гола на паузата, 17-13, во вториот дел предводена од Иван Галевски, кој врза неколку одбрани во серија, направи комплетен пресврт и на крајот запиша заслужена победа.

„Имавме осцилации во играта, но тоа е нормално кога се игра во ваков турнирски систем на натпревари. Ова ќе ни помогне многу, бидејќи истото не чека и на Европското првенство. Ова е добра увертира за ЕП, за што подобро да се подготвиме, да ги анализираме нашите недостатоци и оваа победа ќе ни значи многу за самодовербата која ни е потребна пред мечот со Швајцарија. Секогаш може подобро, иако задоволен сум од својот настап. Јас сум тука за да ја искористам секоја шанса што ќе ми биде пружена, сеедно дали колку минути ќе добијам. Мора да потенцирам и дека голема заслуга за тоа имаат и соиграчите кои што одлично одиграа во одбраната и ми дадоа ветар во грб за да можеме заедно да ја оствариме оваа победа“, изјави Галевски.

Македонија утре од 18:00 часот ќе игра против Швајцарија и само победа ќе и донесе прво место на нашата селекција.