Полскиот вицепрвак Келце, обезбеди големо засилување за идната сезона — репрезентативецот на Франција, Жулиен Бос, потпиша тригодишен договор со клубот и ќе пристигне во јули 2026 година.
Бос моментално настапува за францускиот гигант Нант, каде во изминатите две сезони остави длабока трага. Пред тоа, седум години играше за Монпелје, клуб со кој стекна респектабилно меѓународно искуство. На последното Светско првенство во јануари, освои бронзен медал со репрезентацијата на Франција.
„Келце е еден од најголемите клубови во Европа. Ќе биде мој прв трансфер надвор од Франција и првпат ќе живеам во земја каде што не го зборувам јазикот. Тоа е голем предизвик, но и можност за ново искуство. Можам да играм на неколку позиции, но најудобно се чувствувам како десен бек. Во Келце доаѓам со јасна цел — да освојам што е можно повеќе трофеи, а најмногу посакувам титула во Лигата на шампионите“, изјави Бос.
Во сезоната 2023/24 беше еден од клучните играчи на Нант — постигна 109 гола во француското првенство, со што беше четврти стрелец на тимот. Во Лигата на шампионите реализираше дополнителни 77 погодоци и освои бронза на Ф4 турнирот во Келн.