Францускиот ракомет, кој со години служеше како пример за организација и успех, се соочува со сериозна институционална и финансиска криза. Според извештајот на поранешниот главен сметководител на Француската ракометна федерација, кој има речиси 30 страници, во институцијата владеат „алармантни внатрешни дисфункции“, кои ја довеле до историски финансиски дефицит.
Во извештајот се наведува дека федерацијата во 2024 година остварила оперативен дефицит од 2.318.942 евра – најголем во својата историја. Освен тоа, во изминатите две години исчезнале речиси 8 милиони евра во готовина, што предизвикало голема вознемиреност во ракометните кругови во Франција.
Тронсен предупредува и на административни и финансиски пропусти кои би можеле да донесат дополнителни фискални корекции за периодот 2022–2024 година во износ од над 600.000 евра.
Извештајот открива дека неколку вработени и поранешни членови на федерацијата изнеле обвинувања за морално вознемирување, додека лекарите и физиотерапевтите на репрезентацијата биле ангажирани како „надворешни соработници“, без плаќање на задолжителни социјални придонеси.
На удар на критиките е генералниот директор Лоран Фреоа, кој се обвинува за „погрешен менаџмент“ и за повеќе од 20 заминувања на вработени од 2022 година наваму. Како реакција на кризата, Оливие Буј, претседателот на Националната комисија за судии, поднесе оставка, обвинувајќи ја федерацијата за мешање во автономијата на телото за судење.
Сето ова, според авторот на извештајот, довело до „парализа на институцијата“ и нарушени односи во сите сегменти на управувањето.
Францускиот ракомет, кој во последната деценија доминираше на европската и светската сцена, сега се наоѓа во една од своите најтешки внатрешни битки – борбата за интегритет и стабилност на федерацијата што стои зад успесите.

























