Репрезентациите на Франција и Унгарија, кои беа ривали на Македонија во групната фаза на ЕП 2024, на денешните натпревари против Црна Гора, односно Полска, немаа поголеми проблеми за да дојдат до победа.
Французинките ја оправдаа улогата на фаворит против Црна Гора триумфирајќи со осум гола разлика, 31:23 (15:11). Избраничките на Лазовиќ на моменти парираа, но немаа доволно муниција за да го изненадат еден од фаворитите за златото на континенталниот собир.
Најефикасна кај Франција беше Грас Заади со седум гола, додека во поразената репрезентација прво име беше Ивона Павичевиќ со гол помалку – 6.
Црна Гора со денешниот пораз ги загуби сите шанси за евентуално полуфинале, бидејќи вчера беше поразена од Унгарија, која денес одигра одличен натпревар против Полска.
Унгарките во двете полувремина доминираа, а крајниот резултат беше 31:21 (17:9). Репрезентацијата на Унгарија веќе има шест бода на свое конто, исто толку има и Франција, додека Полска останува без бодови.