Селекторот на кадетската репрезентација на Македонија, Горан Кузманоски, го формираше својот стручен штаб пред стартот на подготовките за настапот на Европскиот младински олимписки фестивал.
Асистент во стручниот штаб на Кузманоски ќе му биде поранешниот македонски репрезентативец Митко Стоилов, кој во моментов е тренер на Младост Богданци, а работи и со младите категории на овој клуб.
Стоилов имаше долгогодишна кариера низ Младост Богданци, Вардар, Металург, Загреб, Одорхеи…и беше дел од националниот тим на три големи натпреварувања, па новата генерација кадети ќе има убава можност да учи од тренери како Кузманоски и Стоилов, кои во дел од кариерата играа заедно во романскиот Одорхеи.
Покрај Стоилов, дел од стручниот штаб ќе биде и Ице Соколески. Тренерот на голмани на шампионот Еурофарм Пелистер е исто така познат по добрата работа со младинските категории, па покрај ангажманот со младинската селекција на Раде Стојановиќ, ќе работи и со новата генерација кадети.
Македонија е во група со велесилите Хрватска, Шпанија и Исланд на ЕМОФ што ќе се игра во Скопје од 21 до 26 јули.