Актуелниот освојувач на трофејот во Лигата на Европа, Фленсбург, ќе има шанса да го брани трофејот, откако во драматично полуфинале го победи Мелсунген со 35-34 по продолженија. Регуларниот дел од натпреварот заврши 28-28, а драмата не недостигаше ниту во продолженијата. Мелсунген имаше последен напад за мечот да оди во пенали, но не беше реализиран, па прв патник во финалето е Фленсбург.
По израмнетиот старт, Фленсбург започна да се одлепува резултатски, водеше во повеќе наврати со плус три, најмногу по заслуга на голманот Мелер, но во финишот на првиот дел, Мелсунген се врати во мечот.
Кристопанс и Кастенинг беа прецизни и тимот на Роберто Парондо имаше само гол негатива на паузата, 16-15, која беше претворена во позитива на стартот на второто полувреме, 17-16.
Се разбрани и Моравски, ги запре Готфридсон и Хансен, па Мелсунген казни на спротивната страна за плус два, 23-21. Кога требаше да го „притиснат“ ривалот, дозволија Фленсбург да направи комплетен пресврт и да го преземе водството.
Во последните пет минути се влезе со реми, 25-25, a гол за гол се играше и во продолжение. Мелер блескаше на голот на Фленсбург и ги запре ударите на Кастенинг и Јонсон, па тимот на Алеш Пајовиќ тргна во победнички напад.
Словенецот побара тајм-аут на дваесетина секунди до крајот, но последниот обид на неговите момци го запре Моравски, 28-28 и мечот отиде во продолженија од два пати по пет минути.
Промашениот последен обид не беше причина за психолошки пад, па Фленсбург поведе со 31-28, но избраниците на Парондо останаа смирени и полека ја стопија негативата, а со голот на Кристопанс израмнија на 33-33, кога остануваа уште две минути.
Киркелоке даде гол за 35-34, потоа Сипос се обиде набрзина да погоди на празниот гол на Фленсбург, но беше блокиран неговиот удар. Фленсбург тргна во клучен напад, Моравски го запре шутот и останаа уште десетина секунди.
Мелсунген не успеа да организира напад и остана само уште шут од слободен удар кој Јонсон не го погоди, па почна славјето на Фленсбург. Најдобар стрелец во победничкиот тим беше Јакобсен со девет гола, а шест даде Киркелоке, додека голманот Мелер имаше 20 одбрани. Кај Мелсунген се истакнаа Кастенинг со осум и Кристопанс со седум погодоци.
Фленсбург во финалето ќе игра со победникот од дуелот меѓу Кил и Монпелје, додека во битката за третото место поразениот од таа средба ќе игра против Мелсунген.