Левиот бек на Вардар, Филип Талески, стави крај на својата втора епизода во „црвено-црниот“ дрес, и веќе е пред нов трансфер. Тој се договорил со раководството на клубот од „Јане Сандански“ да ја добие потребната исписница, откако од крајот на октомври не тренира со тимот, незадоволен од малата минутажa што ја имаше во првиот дел од сезоната.
Како што дознава 24Ракомет, следна дестинација за македонскиот репрезентативец треба да биде унгарската Татабања, клуб кој со години наназад е во самиот врв на унгарскиот ракомет, зад гигантите Веспрем и Сегед, и редовно настапува во европските купови. Во последните сезони Татабања играше во ЕХФ Европската лига и ЕХФ Европскиот куп, остварувајќи забележителни резултати и градејќи репутација на стабилен и амбициозен клуб.
Талески има богато интернационално искуство. Почна во Металург, каде од младинскиот состав стигна до првиот тим, а потоа направи голем трансфер во германскиот Рајн-Некар Левен, со кој освои и титула во Бундеслигата и германски куп. Следуваше епизода во Балинген, по што во 2020 година првпат го облече дресот на Вардар.
Со Вардар освои шампионски и куп-титули во македонското првенство и се наметна како стандарден дел од репрезентацијата на Македонија, со над 60 настапи и повеќе настапи на големи натпреварувања, вклучувајќи го и СП.
Во 2023 година Талески се реши за нов предизвик и се пресели во Португалија, во редовите на Бенфика, каде одигра две сезони и стекна дополнително искуство во европските купови. Летото 2025 година повторно се врати во Скопје и му се приклучи на Вардар, со кој настапи и во ЕХФ Европската лига во тековната сезона.

























