Филип Ивиќ си „играше“ со оган – Војводина не му прости и го раскинува договорот!

Филип Ивиќ, хрватскиот голман кој ова лето потпиша двегодишен договор со Војводина, нема да одигра ниту една минута за клубот од Нови Сад!

Причина за тоа е неговото присуство на концертот на контроверзниот пејач Марко Перковиќ Томпсон и објавите поврзани со настанот на социјалните мрежи.

„Томпсон е познат по песни со содржина што ги величи страдањата на Србите, а Ивиќ предизвика жестоки реакции во јавноста откако сподели неколку објави од концертот“, напишаа од српскиот клуб.

Од Војводина реагираа веднаш и најавија итен раскин на договорот.

„Ова е апсолутно недозволиво однесување за еден играч на Војводина. Спортското друштво Војводина иницира итен раскин на договорот со Филип Ивиќ“, изјави Драгољуб Збиљиќ, претседател на Спортското друштво Војводина, за „Максбет Спорт“.

Ивиќ, кој има настапи за хрватската репрезентација и играше за клубови како Еурофарм Пелистер, Загреб и Келце, требаше да биде големо засилување за српскиот вицепрвак. Но поради овој потег, неговата авантура во Нови Сад завршува пред да започне.