„Фараонот“ му се приклучи на шампионот: Целиме на сите домашни трофеи

Египетскиот ракометар Ибрахим Калед Валид е најновото засилување на Еурофарм Пелистер и последен кој се приклучи на подготовките на битолскиот клуб.

Тој дојде во Златибор, каде што македонскиот првак ја одработува втората фаза од подготовките за новата сезона, и веќе ги има зад себе првите тренинзи со новите соиграчи.

Валид ќе ја засили позицијата кружен напаѓач и со неговото пристигнување се комплетира составот што ќе атакува на трофеи во новата сезона. И покрај тоа што е нов во средината, Египќанецот брзо се вклопува во колективот и има јасни амбиции.

„Ова е мој втор ден тука, вчера првпат тренирав со новите соиграчи. Сите ми даваат поддршка и верувам дека ќе се наметнеме и ќе освојуваме трофеи. За почеток целиме на сите домашни трофеи, а потоа посакувам добра сезона во Лигата на шампионите“, кратко прокоментира Валид.

Еурофарм Пелистер ќе остане во Златибор уште неколку дена, каде што под раководство на шпанскиот стратег Рубен Гарабаја работи интензивно на физичката подготовка и воигрување.

Во втората половина од август, битолчани ќе настапат на силни турнири во Охрид и Скопје, пред да ги започнат официјалните настапи во септември – најпрво во Супер Купот против Вардар, потоа во Супер Лигата, а потоа и во Лигата на шампионите против Загреб.