Фараните не можат да полетаат за Скопје – ако не стигнат навреме, Македонија ќе „слави“ 10-0!

Проблемите со авиосообраќајот од главниот град на Фарски Острови, Торшавн, продолжуваат и денеска. Ракометарите не можат да полетаат ниту денеска, иако се очекува подобрување на временските услови во текот на денот.

Вчера и денеска неколку авиони се обидоа да слетаат во Торшавн, но ниту еден не успеа и се враќаше на почетната дестинација, а од федерацијата на Фарски Острови неколкупати ги менуваа компаниите и летовите.

Планот е доколку успеат денеска да летаат за Кефлафик на Исланд, па оттаму потоа ќе се бараат конекции за Скопје.

Според пропозициите, доколку не стигнат до Скопје до стартот на мечот, Македонија треба да го добие натпреварот службено со 10-0, што би било доволно да биде анулирана негативата од првиот меч што заврши со 34-27.

Тие веќе контактирале со ЕХФ, нема опција мечот да биде одложен или да се игра во друг термин.

Во моментов само еден авион кружи околу Фарските Острови и аеродромот Вагар, кој доаѓа од Рејкјавик, но се уште не може да слета.