Ф4 ПИОНЕРИ: Успех за Охрид ќе биде освојување на шампионската титула

Најмладите ракометни генерации викендов ќе ги добијат медалите, и ќе покажат кој, и каде најдобро се работи со „иднината“. Иако има уште многу за брусење додека да станат „дијаманти“ сега ќе покажат кој е на најдобар пат. Пред настапот на Ф4 турнирот што ќе се игра утре во Охрид, редакцијата на 24Ракомет ви ги претставува учесниците на завршниот турнир, тренерите и нивните очекувања. Но, без разлика кој ќе победи „ВИЕ СТЕ НАШИТЕ ШАМПИОНИ“

Како домаќини на Ф4 турнирот во пионерска конкуренција, Ракометниот клуб Охрид ја најави својата кандидатура да атакува на шампионскиот трофеј. Ова е првпат пионерски тим од Охрид да биде меѓу најдобрите четири во Македонија, а на генерацијата што утре ќе се појави на паркетот во салата „Билјанини Извори“ и предвидуваат добра иднина.

Учесници на Ф4 турнирот годинава се екипите на Охрид (домаќин), Струга, Аеродром и Алкалоид. Само екипата на Аеродром, лани исто така играше на Ф4 турнирот и беше шампион. Аеродром, Охрид и Алкалоид обезбедија директно пласман на завршниот турнир. Сезонава полуфиналните двојки се Струга – Охрид, и Аеродром – Алкалоид. Меѓу нив ќе се бара и шампионот.

Охрид пласманот на Ф4 турнирот го обезбеди директно, откако заврши на првата позиција во групата Б. Младите охриѓани на 16 одиграни натпревари остварија 15 победи и едно реми, и тоа откако веќе имаа обезбедно место на Ф4. И лани беа на чекор до пласманот на Ф4, но тогаш во четвртфиналето подобри од нив беа ракометарите на Аеродром, кои потоа станаа и шампиони за 2023 година.

Сега тренерот Александра Џамтоска има шанса да направи и чекор повеќе од самиот пласман меѓу оние што ќе се борат за медалите. Се надева дека нејзиниот тим ќе остане непоразен, а одличните резултати во пионерската лига се само потврда дека Охрид сериозно инвестира и во младинските категории.

,,Во клубот сум втора сезона, работам со одлична генерација, која има огромен потенцијал и желба за работа, а нивниот напредок е видлив од натпревар во натпревар. Лани несреќно испаднавме во четвртфиналето од екипата на Аеродром и целта оваа сезона ни беше пласман на Ф4 турнирот. Охрид во досегашниот тек од сезоната е единствената непоразена екипа, а се надевам дека така ќе остане и до крајот. Според квалитетот на екипите, групата А беше најквалитетна и најизедначена, со оглед на тоа што во групата беа ланскиот финалист, екипата на Голден Арт и годинешните полуфиналисти Охрид и Струга. Натпреварите со Струга и Голден Арт беа крајно неизвесни и интересни за гледање”, вели Џамтоска.

Охрид во полуфиналето на Ф4 турнирот кај пионерите за ривал ја има екипата на Струга. Овие две екипи сезонава се сретнааа двапати, двата натпревари ги доби Охрид со два гола разлика (25-23 и 23-21).

,,Струга е нашиот ривал во полуфиналето. Сезонава имаме одиграно повеќе пријателски натпревари како и два првенствени, и одлично се познаваме. Според прикажаното во досегашниот дел од сезоната очекувам победа и пласман во финалето на Ф4. Успех за Охрид ќе биде освојување на шампионската титула. Ривалството помеѓу Охрид и Струга трае години наназад, не само во ракометот туку и во другите спортови, така што мотивацијата ќе биде голема. Децата само треба да уживаат во играта и ова да им биде награда за досега сработеното во тековната сезона”.

Според Џамтоска, секоја екипа има подеднакви шанси да го освои првото место на Ф4 турнирот во Охрид.

,,На вакви турнирски натпревари, посебно кога се работи за млади категории неблагодарно е да се издвои некој фаворит, сите имаат подеднакви шанси”.

Но, таа смета дека на пионерите им се потребни повеќе натпревари во една натпреварувачка сезона.

,,Натпреварите се единственото место каде играчите можат да го покажат наученото на тренинг. Ни требаат повеќе натпревари, подолга сезона, бидејќи паузата од завршетокот на сезоната до почетокот на наредната сезона е многу голема. За споредба ќе ја земам Хрватска, земја во која истите генерации играат повеќе од 40 натпревари годишно”.

Бидејќи Охрид е домаќин на Ф4 турнирот, Џамтоска ги повика охридските љубители на ракометот да ги поддржат големите таленти.

,,Охрид има одлична генерација, во која има неколку играчи за кои со сигурност можам да кажам дека се иднината на ракометот во Охрид и Македонија. Дел од нив веќе дебитираа и за првиот тим. Ги повикувам сите љубители на ракометот од Охрид и околината, да дојдат и да им дадат поддршка на овие деца, а со тоа и да го наградат нивниот труд во изминатата година”.

Распоред, Ф4 – пионери:
НЕДЕЛА – 12.05.2024
Полуфинални мечеви
12,15 – Охрид – Струга
14,15 – Аеродром – Алкалоид

17,45 – меч за 3 место
19,30 – финале