Ф4 ПИОНЕРИ: Струга двапати го положи „поправниот“ – сега атакува и на пехарот

Најмладите ракометни генерации викендов ќе ги добијат медалите, и ќе покажат кој и каде најдобро се работи со „иднината“. Иако има уште многу за брусење додека да станат „дијаманти“ сега ќе покажат кој е на најдобар пат. Пред настапот на Ф4 турнирот, 24ракомет ви ги претставува учесниците на завршниот турнир, тренерите и нивните очекувања. Но, без разлика кој ќе победи „ВИЕ СТЕ НАШИТЕ ШАМПИОНИ“

Ракометарите што доаѓаат од Струга, без разлика во која старосна генерација играат секогаш покажуваат квалитет, и сериозно се наметнуваат кај сите тренери. Пионерите се едeн од четирите тимови што во недела ќе се борат за титулата на Ф4 турнирот што ќе се игра во Охрид, во СЦ „Билјанини Извори“. Еден од четирите финалисти е и тимот на Струга.

Учесници на Ф4 турнирот годинава се екипите на Охрид (домаќин), Струга, Аеродром и Алкалоид. Само екипата на Аеродром, лани исто така играше на Ф4 турнирот и беше шампион. Аеродром, Охрид и Алкалоид обезбедија директно пласман на завршниот турнир, а Струга мораше да игра бараж. Сезонава полуфиналните двојки се Струга – Охрид, и Аеродром – Алкалоид. Меѓу нив ќе се бара и шампионот.

Ждрепката сакаше уште во полуфиналето да има соседско дерби, и да се сретнат Струга и домаќинот на Ф4 турнирот, екипата на Охрид. Двете екипи беа во иста групи и во регуларниот дел од сезоната. Тогаш двапати победи Охрид 25-23 и 23-21. Тоа беа беа единствените порази на стружани во текот на сезоната, каде одиграа 16 натпревари, и забележаа 13 победи и едно реми.

За да стигнат на завршниот турнир Струга мораше да игра и две бараж средби, и да елиминира две екипи кои лани играа на завршниот Ф4 турнир. Како вторпласирана во својата група, Струга прво играше со второпласираниот тим од Група Б, екипата на Еурофарм Пелистер. По триумфот на тој меч, следуваше уште еден „поправен“ овјпат со Куманово, и на тој меч победија стружани кои така го потврдија пласманот меѓу најдобрите четири тимови.

Тренерот Жарко Ферукоски вели дека пласманот на Ф4 турнирот е очекуван, со оглед на тоа што дел од пионерите на Струга имаат некое суперлигашкот искуство, кое што е позитивен плус за секој млад играч.

,,Пласманот на Ф4 турнирот го очекувавме, со голем респект кон сите екипи со кои игравме во групата Б, најголеми конкуренти ни беа Охрид, Голден Арт и Еурофарм Пелистер 2. Оваа генерација на Струга има светла иднина, дел од пионерите настапуваат во Супер лигата, работиме доста посветено со секој играч и секако дека одиме во Охрид да го освоиме првото место. Ние завршивме на второто место во својата група и мораше да одиграме два бараж натпревари за пласман во полуфиналето, верувавме во своите можности, па и трет бараж да игравме сигурно дека никој немаше да не попречи да дојдеме до завршницата”.

Според Феркукоски сите четири учесници на Ф4 турнирот имаат подеднакви шанси за освојување на трофејот.

,,Сите четири екипи имаат свои квалитети, мислам дека годинешниот Ф4 ќе понуди голема неизвесност, секој може секого да победи, тоа се види во групниот сегмент од сезоната. Мала предност ќе има екипата на Охрид поради домашниот терен. Некогаш тоа може да создаде голем притисок, бидејќи сите ќе очекуваат позитивен епилог на домашната екипа. Сите имаме подеднакви шанси, нека победи најдобриот в недела”.

Пионерската екипа на Струга за пласман во финалето ќе се бори токму против домаќинот – Охрид.

,,Наш ривал во полуфиналето е Охрид, игравме двапати против овој тим сезонава, на двата дуели охриѓани славеа со два гола разлика (25:23 и 23:21),  поради овие две победи им ја препуштаме фаворитската улога, но како што знаеме, на Ф4 сите почнуваат од нула, нема изразен фаворит, така било и во минатото. Охрид е екипа за респект, има свои предности и недостатоци, ние ќе се обидеме да ги анализираме до детал и со нетрпение го очекуваме малиот езерски двобој”.

Распоред, Ф4 – пионери:
НЕДЕЛА – 12.05.2024
Полуфинални мечеви
12,15 – Охрид – Струга
14,15 – Аеродром – Алкалоид

17,45 – меч за 3 место
19,30 – финале