Вториот македонски претставник во Лигата на Европа, „сино-белиот“ тим од Автокоманда, беше елиминиран откако вторпат загуби од бундеслигашот Хановер, кој и без најдобриот играч Ренарс Усчинс и со 14 ракометари во ростерот славеше со 29-28.
На првата средба во Хановер минатиот викенд, германскиот тим победи со десет гола разлика, 37-27, па немаше дилеми кој ќе биде патникот во групната фаза од Лигата на Европа.
Пред стартот на овој натпревар, тимот од Автокоманда го доби заслужениот пехар од минатата сезона од ЕХФ Европскиот Куп, кој му беше доделен на зелената маса, откако грчкиот АЕК Атина не излезе да го игра реваншот.
Хановер водеше со 12-6 во првиот дел, но домашните успеаја да се вратат во егал на паузата, 14-14. Во второто полувреме момците на Лазаров водеа со два гола во два наврати, но не издржаа до крајот.
Бундеслигашот ја презема контролата во финишот, стигна до предност, која ја задржа од крајот и покрај гол-шоуто на двајцата странци во Автокоманда – Тордарсон и Борзаш, кои немаа поддршка од македонскиот дел од тимот.
Во македонскиот претставник се истакнаа Борзаш со осум и Тордарсон со седум гола, а голманот Галевски имаше 13 интервенции. Кај Хановер, Поулсен со осум и Фишер со седум гола беа најдобрите стрелци, но голманот Бирлем блескаше меѓу стативите со 17 одбрани.
Чувствата на домашните беа измешани со славје и разочарување, но затоа сега без никакви европски обврски, Кирил Лазаров ќе може да подготвува тимот за битките на домашна сцена.