Младинската машка репрезентација утре го започнува настапот на Европското првенство во Целје, Словенија, додека кадетската репрезентација ја очекува настап на континенталниот собир во Подгорица, Црна Гора, во втората недела од август.
ЕХФ воведе голема новина од ова лето и на младинските првенства ќе играат по 24 репрезентации. Системот е многу комплициран, што веројатно во некој момент и тие што го направиле ќе се збунат, а сигурно таков ќе биде случајот и со актерите на теренот и новинарите.
Учесниците се поделени во шест групи со четири репрезентации – А, Б, Ц, Д, Е и Ф, а загарантирани се осум натпревари за сите 24 селекции до крајот на првенството. Во прелиминарната рунда ќе се одигра секој со секого, но потоа доаѓа комплицираниот дел.
ГЛАВНА РУНДА (1-8 МЕСТО)
Победниците од шесте групи и најдобрите две второпласирани селекции ќе продолжат во главната рунда, односно ќе разигруваат за пласман од првото до осмото место. Првопласираните селекции од А, Б и Ц групата ќе играат во група 1 од главната рунда со најдобриот второпласиран од другиот сегмент, односно од групите Д, Е и Ф, но и обратно, оние најдобрите од Д, Е и Ф, во групата 2 од главната рунда ќе го добијат и најдобриот второпласиран тим од А, Б и Ц групите.
Најдобрите две второпласирани од сите шест групи ќе се одредуваат по вкупниот број на освоени бодови по трите средби од прелиминарната рунда, потоа по гол-разлика, па број на постигнати голови, па евентуално последниот начин е ждрепка ако сите претходни параметри се исти.
Селекциите од групите 1 и 2 ќе одиграат по три меча во главната рунда, па најдобрите две од две групи ќе вкрстат меѓусебе во полуфиналето на ЕП, а останати ќе вкрстат во разигрувањето за пласман од петто до осмото место.
РУНДА ЗА ПЛАСМАН НА СП (9-16 МЕСТО)
Останатите четири второпласирани од шесте групи што не обезбедија пласман во главната рунда, како и четирите најдобри третопласирани од шесте групи, ќе формираат две групи 1 и 2, па ќе разигруваат за пласман. Преостанатите две второпласирани селекции од А, Б и Ц групите кои не обезбедија место во главна рунда, заедно со двете најдобри третопласирани од групите Д, Е и Ф, ја формираат групата 1, додека преостанатите две второпласирани селекции од Д, Е и Ф сегментот, заедно со најдобри две третопласирани од А, Б и Ц групите, ќе ја формираат групата 2.
Како и во главната рунда, така и овде, ќе бидат одиграни по три меча, по што екипите на првото и второто место ќе вкрстат за пласман од 9 до 12 место, додека оние од третата и четвртата позиција ќе играат за пласман од 13 до 16. Овие групи се важни не само за пласманот на ЕП, туку и за пласманот на соодветното СП (кадетско или младинско), но допрва од ИХФ треба да биде потврдено колку европски селекции ќе играат на кадетското СП 2025 во Словенија и младинското СП 2025 во Полска.
РУНДА ЗА ОПСТАНОК (17-24 МЕСТО)
Како и во претходните две фази, така и овде е исто. Најслабата третопласирана од сегментот А, Б и Ц, заедно со три четвртопласирани селекции од сегментот Д, Е и Ф ќе ја формира групата 1, додека најслабата третопласирана од сегментот Д, Е и Ф, заедно со трите четвртопласирани селекции од А, Б и Ц групите ќе ја формираат групата 2.
Селекциите во групите 1 и 2 ќе играат меѓусебе, па ќе вкрстат прво и второпласираните за пласман од 17 до 20 место, додека останатите ќе играат за пласман меѓу 21 и 24 место.
Оваа рунда е особено важна на кадетското ЕП 2024 за Македонија, бидејќи кадетите нема да играат само за себе, туку и за наредната генерација.
Најдобрите осум селекции на кадетското ЕП 2024 во Црна Гора, ќе обезбедат директно место на следното кадетско ЕП 2026, заедно со домаќинот и шампионот во Црна Гора. Сите останати репрезентации ќе играат квалификации, кои ќе се играат турнирски од 31 октомври до 2 ноември 2025 година.
Репрезентациите што на кадетското ЕП 2024 во Црна Гора ќе се пласираат до 21 место ќе обезбедат директен пласман на младинското ЕП 2026 година. Последните три репрезентации на кадетското ЕП 2024 испаѓаат од елитната конкуренција и ќе играат на младинските ЕХФ шампионати во 2026 година.
Aко сфативте, сфативте, ако не – тука ќе биде 24Ракомет и секојдневно ќе ве информира за настапите на кадетите и младинците на ЕП во Црна Гора и Словенија, па ќе можете да прочитате за случувањата на континенталните собири.