Две екипи, Вардар и Еурофарм Пелистер со најголеми шанси да се борат за титулата, а разликата меѓу нив е четири бода. Охрид ќе чека шанса од позадина, и во моментов заостанува седум бода во однос на Вардар. Има уште еден дуел за играње, во вторник Пролет го пречекува Охрид, и на тој дуел апсолутен фаворит се охриѓани, па може да дојдат на само пет бода до Вардар, односно да имаат еден помалку од Еурофарм Пелистер.
Само една недела ќе трае „одморот“ на суперлигашите кои веднаш продолжуваат во дуелите од плеј-офот и борбата за титулата. Утре е ждрепката за натпреварувачките броеви, и ќе биде познат календарот на следните 10 кола од плеј-офот. Годинава е различно во однос на досегашната пракса, и тимовите ги задржуваат освоените бодови од регуларнот дел на сезоната. Првите шест екипи продолжуваат во плеј-офот, а тимовите пласирани од 7 до 12 место ќе разигруваат за опстанок.
Бидејќи се смени правилото за плеј-офот, сега екипите влегуваа максимално на секоја средба, и се бореа за бодови, и сакаа да направат разлика во однос на другите.
По 22 кола, Вардар влегува со 42 бода, колку што освои во регуларнот дел, и имаше само еден кикс, на гостувањето во Битола кај шампионот Еурофарм Пелистер. Битолчани заостануваат четири бода, и се единствени што триумфирале против „црвено-црните“ дома, и еден од трите тима што стигнаа до бод(ови) во Автокоманда. Шампионот единствено загуби во Охрид и Скопје, а играше реми со тимот од Автокоманда во два наврати.
Токму Охрид е тимот што ќе ја чека од позадина шансата. Имаат меч помалку кој ќе го играат во вторник со Пролет. Со триумф Охрид би имал 37 бода, еден помалку од Еурофарм Пелистер, и пет помалку од Вардар.
„Сино-белите“ од Автокоманда влегуваат како четвртопласирани со 35 бода, што е дури седум помалку од Вардар, а три односно два помалку од Еурофарм Пелистер и Охрид. За тимот на Кирил Лазаров сезонава веројатно нема да има шанса да се борат за титулата, па Купот им останува единствена шанса за некаков трофеј.
Бутел и Тиквеш ги пополнуваат последните две места од плеј-офот, со по 22 бода, разлика која е голема во однос на првата четворка, па тие и немаат шанси да се вмешаат за повисок пласман. Ќе се борат за петтото место, но и двете екипи би можеле да заиграат во ЕХФ Европскиот Куп.
Табела:
1. Вардар 42
2. Еурофарм Пелистер 38
3. Охрид 35 (-1)
4. Алкалоид 35
5. Бутел Скопје 22
6. Тиквеш 22

























