Ракометарите на Вардар денеска го започнуваат настапот во Лигата на Европа, а ривали ќе му бидат исландскиот Валур, германскиот Мелсунген и португалскиот Порто. Мелсунген во квалификациите го елиминира норвешкиот Елверум, додека Валур беше на работ на елиминација, но за еден гол ја мина хрватската Спачва.
Исландскиот тим остана без најдобриот стрелец од минатата сезона Бенедикт Оскарсон, кој се пресели во норвешкиот Колстад, а во германскиот Бергишер замина пикерот Тјорви Гисласон. Кариерите ги завршија левото крило Стефансон, како и бековите Јулиусон и Рунарсон.
Од младинскиот тим на Валур на првиот тим му се приклучија петмина ракометари, а има и балкански шмек со ангажманот на пикерот од Тримо Требње, Миодраг Ќорсовиќ, иако црногорскиот репрезентативец требаше да игра во Загреб. Беа ангажирани уште две засилувања – левиот бек Бјарни Селвинди, репрезентативец на Фарски Острови кој дојде од норвешкиот Кристијансанд, како и десното крило Кристофер Јонасон од Хаукар.
Исландските етерани, голманот Бојргвин Пал Густвасон, кој секогаш бранел добро против македонската репрезентација, како и десниот бек Александер Петерсон, и оваа сезона ќе бидат дел од Валур. Некогашниот ас на Фленсбург, Рајн Некар, Мелсунген нема многу голема улога на терен, но голманот Густавсон брани во одлична форма, а се надеваме дека македонската публика утре нема да се увери во тоа.
Португалскиот Порто загуби петмина ракометари од составот од минатата сезона, меѓу кои и македонскиот репрезентативец Никола Митревски, а донесе само двајца. Замена за Митревски е шведскиот голман Себастијан Абрахамсон, кој дојде од Онередс, а за Порто потпиша и левиот бек Лео Гунарсон од Афтурелдинг.
Од клубот заминаа крилата Диого Бранкињо и Антонио Ареиа, левиот бек Николај Лесо и кружниот напаѓач Игнасио Плаза, но иако многумина мислат дека Порто е послаб од лани, тоа барем на стартот на сезоната не се забележува. Во клубот се врати шведскиот стратег Магнус Андерсон и Порто има седум од седум на стартот во Португалија.
Германскиот Мелсуген на хартија има посилен состав од лани, иако остана без десниот бек Иван Мартиновиќ. Замина и искусниот Домагој Павловиќ, како и Јулиус Кун во Битигхајм, како и уште неколкумина ракометари што имаа мала минутажа во тимот на Роберто Гарсија Парондо.
Мелсунген се засили со бековите Арон Менсинг од ГОГ Гудме, Александре Калваканти од Нант, Мохамед Дармул од Минден и Николај Ендерлејт од Холстебро, додека од Барса на позајмица дојде крилото Јан Баруфет. Кога на овие ќе ги додадете искусните голмани Симиќ и Моравски, кружните напаѓачи Мораеш Фереира и Сипос, крилата Мандиќ и Кастенинг, бековите Кристопанс, Баленсиага и Јонсон…тогаш станува јасно зошто мномина сметаат дека Мелсунген е фаворит за место на Ф4.