Денеска од 17:45 часот и од 20:30 часот во „Јуске Банк Боксен“ во Хернинг ќе се играат двете полуфинални средби на Европското првенство. Ако се суди според досега прикажаното, љубителите на ракометот ги очекуваат возбудливи и до крај неизвесни натпревари, иако Германија и Данска се фаворити за пласман во финалето.
Селекторот на Германија, Алфред Гисласон, потенцираше дека неговиот тим го очекува исклучително тежок натпревар против Хрватска, но верува дека клучот ќе биде во континуитетот на играта.
„На почетокот на годинава игравме двапати против Хрватска, но тоа беа пријателски натпревари и не се бројат. Пред тоа, Германија ги загуби последните три дуели против нив. Свесни сме дека нè чека многу тежок меч“, изјави Гисласон.
Тој нагласи дека Германија мора да остане верна на стилот кој ја донесе до полуфиналето.
„Мораме да го задржиме истиот ритам, истата одбрана и истото ниво на голманска игра. Се надевам дека ќе играме како претходно, со силна одбрана и притисок во нападот. Ако направиме само три технички грешки, како против Франција, тогаш имаме шанса. Тоа беше огромна разлика во споредба со мечот против Данска.“
За Хрватска, германскиот селектор имаше само пофални зборови.
„Хрватска е силна и искусна репрезентација. Тие сакаат да го наметнат својот стил, исто како и ние. Ќе бидеме подготвени и фокусирани на нашата игра.“
Левиот бек Миро Шлуроф потенцираше дека атмосферата во германскиот табор е на високо ниво.
„Имаме одличен тимски дух. Победата над Франција покажа дека можеме да играме на високо ниво, но знаеме дека против Хрватска нè чека жестока битка. Фокусот мора да биде максимален.“
Селекторот на Хрватска, Дагур Сигурдсон, се осврна и на своето минато со Германија, со која го освои златото на ЕП 2016.
„Секогаш е нешто посебно да се биде во полуфинале. Ова е голем момент за нас. Секако дека понекогаш се навраќаш наназад, поминаа 10 години од титулата, а сè уште сум во контакт со дел од тие играчи.“
Сигурдсон најави вистинска борба.
„Германија игра одлична одбрана, исто како и ние. Очекувам цврст, физички натпревар.“
Кружниот напаѓач Јосип Шимиќ истакна дека најголемата сила на Хрватска е борбеноста.
„Нашата одбрана и срцето со кое играме се нашата најголема сила. Околностите не се идеални, но ќе дадеме сè од себе. Ќе играме како секогаш, со срце. И мислам дека ќе победиме.“
Селекторот на Данска, Николај Јакобсен, со воодушевување го најави дуелот со Исланд.
„Возбудата е огромна. Данска и Исланд се меѓу најдобрите екипи во светот. Сакам да ги гледам како играат, ги сакам нивните играчи, но исто така уживам и во играта на мојот тим. Денеска може да биде вистински спектакл за навивачите.“
Јакобсен го пофали стилот на игра на Исланд.
„Брза игра, многу ситуации два на два. Омар Инги Магнусон е еден од најдобрите во светот во такви моменти, а и Гисли Кристјансон е доминантен играч. Ова е технички ракомет, ваков каков што треба да се игра.“
Средниот бек Мадс Менса Ларсен ја потенцираше важноста на домашната публика.
„Поддршката значи многу. Ќе ни треба денеска. Исланд е опасен противник и и ние мораме да кренеме ниво ако сакаме победа. Верувам дека можеме, но нема да биде лесно.“
Селекторот на Исланд, Снори Гудјонсон, беше реален во најавата на дуелот со Данска.
„Данска игра одличен ракомет и тие се најдобрата екипа во светот. Играат дома и нè чека исклучително тежок натпревар. Но, ние веруваме во себе, одиме во вистинска насока и сигурно ќе се бориме. За победа ќе ни треба врвен настап.“
Десниот бек Омар Инги Магнусон истакна дека мора да бидат најдобри.
„Ќе мора да го прикажеме нашето најдобро издание. Данска доминира со години. Ќе се обидеме да најдеме решенија, но јасно е дека задачата ќе биде многу тешка.“

























