Еурофарм Пелистер запиша пораз кај европскиот вицепрвак

Македонскиот првак Еурофарм Пелистер загуби на гостувањето кај европскиот вицепрвак Келце со 35-25. Момците на Бранко Ангеловски одиграа коректен натпревар во првиот дел, иако имаа негатива, но комплетно паднаа во ритамот на стартот на вториот дел и му дозволија на домашниот тим да направи голема предност.

Пелистерци по девет кола остануваат без освоен бод, додека Келце се израмни на второто место со данскиот Алборг со 12 бодови. Својата последна шанса за прв бод или победа, македонскиот првак ќе ја бара следниот четврток на домашен терен во Битола против хрватскиот Загреб, кој игра во одлична форма во последно време.

Битолчани одржуваа рамнотежа до 3-3, пред Борзаш да биде исклучен на две минути, а домашните го искористија тоа и по две одбрани по ред на Вулф, успеаја да се одлепат на плус три, 6-3. Лесјак имаше само една одбрана, па Гедбан застана на голот по петнаесетина минути игра. Алекс Душебаев лесно постигнуваше погодоци, но и на спротивната страна реализираа Кузмановски и Цехте, па беше 11-8.

Тие двајца имаа и цепелин за 12-9, но атрактивен гол даде и екс вардаровиот десен бек со вртенка во голот на Гедбан за 13-9. Пелистерци во продолжение промашија два напади, па казната стигна преку Карачиќ. Лошата серија ја прекина Пешевски со два гола за 15-12, но следуваше грешка, па одбрана на Вулф и Келце одново беше на највисоките дотогаш плус пет, 17-12. До крајот на полувремето уште еден гол на двете страни за 18-13 на паузата.

На стартот на вториот дел нашиот шампион влезе во „црна дупка“ и домаќинот се одлепи на плус 11, 27-16 по десетина минути игра. Сепак битолчани врзаа три гола по ред и успеаја да намалат на 27-19, имаа и напад за минус седум, но Цехте не погоди и одново колата тргна низ брзо. Домашните не застануваа, пелистерци повторно грешеа во серија, па Келце си ја врати високата предност. Потоа се играше без многу возбудувања на теренот и Келце рутински го приведе мечот до крај.

Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Трастарсон со седум и Алекс Душебаев со пет погодоци, додека голманот Вулф имаше десет одбрани. Кај Еурофарм Пелистер, Цехте погоди седум пати, додека Пешевски стрелаше пет пати во домашниот гол. Во следното коло, кое ќе биде последно за оваа година, Еурофарм Пелистер ќе брка прва победа во елитната конкуренција на домашен терен во Битола против Загреб, додека Келце оди на гостување кај ПИК Сегед.

ПозЕкипаНПРЛБ.
1ВЕСПРЕМ870114
2ПСЖ ХЕНДБОЛ860212
3СПОРТИНГ851211
4ДИНАМО БУКУРЕШТ850310
5ФУКСЕ БЕРЛИН84048
6ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР81254
7ХК ФРЕДЕРИЦИЈА81163
8ВИСЛА ПЛОЦК81072