Еурофарм Пелистер загуби кај европскиот шампион Магдебург

Македонскот првак Еурофарм Пелистер го запиша петтиот пораз во Лигата на шампионите, откако загуби на гостувањето кај Магдебург со 36-26. Пелистерци пружија отпор, особено во првите дваесетина минути, но немаа сили за сензација на тешкото гостување. Омар Игни Магнусон беше нерешлива загатка со десет гола, погодуваше и од игра и од пенали, а голманот Ернандез забележа 15 одбрани и беше меѓу клучните фигури во победничкиот тим. Кај Еурофарм Пелистер, се истакнаа Кузмановски со шест гола, Хаџиќ даде четири гола, а Манасков три, додека Митревски имаше осум одбрани.

По десетина минути домашниот тим имаше плсу три, 6-3, па Гарабаја веднаш реагираше со тајм-аут. Врзаа неговите избраници два гола по ред за 6-5, но Магнусон беше непогрешлив од линијата од седум метри, Ернандез се разбрани на голот и домашниот тим си одржуваше позитива од три до четири гола.

Транзицијата на домашниот тим беше убиствена, и по постигнат гол, пелистерци веднаш примаа на спротивната страна. Таква ситуација имаше во последните секунди од првото полувреме, кога Кузмановски со проектил намали на 18-13, сепак Клар за само три секунди даде гол и на пауза Магдебург отиде со плус шест.

Домаќините имаа и плус седум, Видомски со серија голови даде трошка надеж за камбек кога Еурофарм Пелистер се доближи на четири гола негатива, 20-16, а потоа и 22-18, но потоа домашните уште повеќе го засилија темпото, Ернандез продолжи со одличната серија, а сите грешки на пелистерци беа казнети со пеколни контри.

До крајот немаше никакви дилеми, Магдебург само рутински ја доработи започнатата задача во финишот на првиот дел. Сега следува пауза за ЕХФ неделата и репрезентативни натпревари, а следен предизвик за Еурофарм Пелистер во Лигата на шампионите ќе биде дуелот со ПИК Сегед на 12 ноември.