Ракометарите на Еурофарм Пелистер се шампиони на Македонија третпат по ред, откако славеа на гостувањето кај Вардар со 32-30. Иако губеа со пет гола за разлика во првото полувреме, сепак на крајот тие беа оние што се радуваа на титулата. Во клучните моменти во финишот, вардарци не реализираа, беа казнети и останаа со празни раце. Ова е трета по ред титула за битолчани, деветта вкупно, а лидери се вардарци со 15 титули шампион на Македонија.
Битолчани отворија преку Тајник, но набрзина врати капитенот Георгиевски. Двете одбрани не беа на ниво на стартот на мечот, па се постигнуваа лесни погодоци на двете страни и по десетина минути беше 5-5. Во салата тогаш пристигнаа и „Чкембари“, па атмосферата во салата стана уште пожешка. Алонсо го замени Митревски со Брестовац, но Борозан и натаму продолжи со своето гол-шоу.
Капитенот Кузмановски повеќе асистираше до Тајник и Борзаш, па тие беа реализатори во нападот. По 10-10, следуваа неколку грешки во нападот на битолчани, тоа беше казнети со брзи и лесни голови за 13-10 по дваесетина минути игра.
Алонсо мораше да бара тајм-аут, но повторно згрешија пелистерци, а по првата одбрана на Еспиња беше и плус пет, 15-10. Пешевски ја прекина „црната серија“, а битолчани покажаа дека нема така лесно да се откажат и намалија на 15-13. До паузата немаше поголеми резултатски промени и Вардар замина на одмор со плус два, 17-15.
Пелистерци не искористија три напади по ред на стартот на вториот дел, но и Митревски на два пати беше поуспешен од Лазаревски. Капитенот Кузмановски намали на минус два, 18-16, откако Јагуриновски беше исклучен по стартот на Атанасијевиќ.
Гостите се вратија во егал и израмнија на 19-19, што беше најава за возбудувања до крајот. Немаше многу идеја во нападот на Вардар, но Борозан со топовски удар врати плус два на домашната страна.
Митревски влезе во серија, но и Гогов му одбрани шут на Кузмановски на спротивната страна. Продолжи играта гол за гол, иако евидентно беше дека вардарци ја немаат течната игра од првиот дел. Кога беше 24-24, битолчани имаа шанса да поведат по подолго време, но Гогов се испречи пред Хосни. Тоа го поправија во следниот напад преку Манасков, но и Николиќ искористи една празнина во одбраната на гостите за 26-26.
Следуваа одбрани на голманите на двете страни, а време имаше се помалку и во последните пет минути се влезе со реми, 27-27. Хосни и Срдановиќ се погрижија за ново реми, но сега секој следен напад за двете екипи беше клучен. Милано викна тајм-аут, кога Вардар бркаше негатива, а имаше за играње уште 70 секунди.
Борзаш го фаулираше Јагуриновски за пенал и трето исклучување, односно црвен картон, па битолчани мораа со играч помалку до крај. Срдановиќ промаши пенал на стартот на последната минута и гостите тргнаа во напад. Алонсо побара тајм-аут кога остануваа да се играат уште 30 секунди.
Беше организирана брза акција и изнуден пенал, на 30-29 за битолчани, го погоди Манасков и веќе немаше време за нешто повеќе, па гостинското славје можеше да почне.
Најдобри срелци во победничкиот тим беа Кузмановски со седум, како и Тајник, Пешевски и Хосни со по пет гола, а Митревски беше најдобар кога беше најпотребно. Во составот на Вардар, Борозан имаше осум реализации, а седум пати беше прецизен Срдановиќ.