Екипата на Еурофарм Пелистер во натпревар од 7. коло на свој терен славеше против составот на Прилеп со 42:29. Пелистерци со комбиниран состав уште од стартот имаа контрола на резултатот, постојано водеа, со исклучок на еден период кога беше 8:8, и со половина сили успеаја да триумфираат против својот сосед.
Македонскиот шампион почна моќно, со погодоците на Костески и Василев поведе со 4:1 во воведниот дел. Гостите од Прилеп вториот гол го постигнаа во 8 минута преку младиот Трајкоски, кој намали на 4:2. Домашниот табор до првата половина одржуваше минимална резултатска предност, но немаше голема комоција во играта, бидејќи откако имаше 7:4, гостите за првпат врзаа два гола во низа и намалија на подносливи 7:6.
Првото и единствено изедначување на резултатот беше во 15 минута кога Рајатоски реализираше за 8:8. Следуваше период, во кој домашниот тим се консолидираше, се одлепи на 10:8 и до крајот на првиот дел успеа да дојде до поубедлива предност.
Прилеп при финишот на првото полувреме искористи дел од грешките на домаќините и по негатива од 17:12 направи серија од 3:0 намалувајќи на 17:15 и не реализираше два напади за минус еден. Поискусниот противик со голот на Ѓорговски ги постави конечните 18:14 на полувреме.
Во второто полувреме имаше ревија на голови, домаќините влегоа во ритам и по десет минути игра во вторите 30 минути имаа предност од 25:20. Како одминуваше времето, избраниците на Мојсов полека го губеа чекорот, но никако не дозволуваа ,,фармацевтите” да имаат висока предност. Сепак, во последниот период до израз дојде искуството на домашната екипа, која рутински одработи за победа со 13 гола разлика.
Најефикасни во победничката екипа со по девет погодоци беа Ненад Костески и Емилијан Ѓорговски. Кај Прилеп се истакна Томислав Квастек, кој воедно беше и најефикасен на мечот со 10 реализации, а одличен впечаток остави младиот Давид Трајкоски со пет погодоци.
Еурофарм Пелистер за противник во 8. коло го има вечниот ривал Вардар, додека Прилеп ќе гостува во Скопје кај екипата на Бутел.