Еурофарм Пелистер се враќа со бронза, Младост Богданци петти во Бугарија

Кадетските екипи на Еурофарм Пелистер и Младост Богданци викендов учествуваа на традиционалниот турнир „Атанас Карабељов“ во Бугарија, кој три дена нудеше возбудлив ракомет и квалитетни мечеви во градот Гоце Делчев.

Избраниците на Фарук Мемиќ турнирот го завршија на третото место, откако во драматичен меч за бронзата славеа над романскиот Аватар Брашов со 32:31. Во групната фаза битолчани беа поразени од Пирин, а славеа против Верија, додека во полуфиналето загубија од Драма.

Битолчани освоија две индивидуални награди – Јован Симоновски беше избран за најдобар дефанзивец, додека Павел Велјановски беше најдобар стрелец со 44 гола на четири натпревари.

Тимот на Младост Богданци настапот го заврши со победа. Во дуелот за петтата позиција избраниците на Далибор Лукиќ убедливо ја совладаа грчката Верија со 32:23. Во групната фаза богданчани се соочија со Драма и Аватар Брашов, но и покрај двата порази успеаја да ја покажат најдобрата игра на последниот натпревар.

Ваквите меѓународни турнири претставуваат одлична проверка на формата пред стартот на новата сезона, како и драгоцено искуство за младите ракометари.