Еурофарм Пелистер пружи отпор, но Барса е Барса

Македонскиот првак Еурофарм Пелистер загуби четвртипат оваа сезона во Лигата на шампионите, откако Барселона славеше во Битола со 34-30.

Пелистерци тргнаа одлично во првото полувреме, дваесетина минути беа во егал со каталонскиот гигант, а Митревски имаше свои моменти. Се играше најчесто гол за гол, и да не беа техничките грешки, македонскиот тим можеше да води со повеќе од еден погодок.

По 11-10, Барса направи серија од четири голови преку Макуц и Фабрегас за 15-10, а таквата разлика ја одржаа избраниците на Ортега до паузата.

Еурофарм Пелистер – Барселона

Имаа гостите и плус седум на стартот на вториот дел, 24-17, но домашните не се предаваа и успеаја да ја стопат негативата на четири погодоци. Митревски продолжи да брани во одлична форма, тренерот Гарабаја ротираше со составот, а Хенигман одново спушти на минус четири, 31-27.

Со цепелин од гол на гол меѓу Митревски и Манасков што ја запали публиката беше 33-30, но сепак немаше многу време за комплетен камбек на македонскиот првак и Барса рутински ги одработи последните неколку минути од натпреварот.

Во следното коло Еурофарм Пелистер ќе му гостува на европскиот првак Магдебург.