Еурофарм Пелистер против Загреб и против традицијата!

Македонскиот шампион Еурофарм Пелистер в среда го започнува настапот во Лигата на шампионите со дуел против хрватскиот Загреб.

Покрај меѓусебните пријателски натпревари и оние во регионалната СЕХА лига, пелистерци против Загреб имаат одиграно четири средби во најелитното европско клупско натпреварување, а противникот има четири победи.

Во сезоната 2005/06, македонскиот и хрватскиот првак беа во иста група во ЛШ, а тогаш на мечот во Загреб славеа домаќините со 37-13. Во Битола пак се радуваа Хрватите, но со минимална победа, 31-30.

Во сезоната 2023/24, на мечот во Загреб, домаќинот победи со 27-18, додека во драматичниот дуел во Битола, славеше хрватскиот шампион со минимални 23-22.

Традицијата постои за да се руши, а битолчани со поддршката на своите верни „Чкембари“, можат да запиша прв триумф на хрватскиот првак во ЛШ.

Натпреварот меѓу Еурофарм Пелистер и Загреб се игра в среда со почеток од 20:45 часот во спортската сала „Боро Чурлевски“.