Општинскиот сојуз на спортови и Општина Битола по 62. пат ја организираат манифестацијата „Избор на најдобрите спортисти и екипи на Битола“ за 2025 година. На денешното свечено доделување беа прогласени победниците во повеќе категории, како и традиционалниот ТОП 10 избор.
Во ТОП 10 најдобри спортисти на Битола за 2025 година се најдоа: Ален Рустемовски (1), Никола Митревски (2), Леа Бошевска (3), Бобан Стајиќ (4), Христијан Илиовски (5), Јовче Даскаловски (6), Даниел Зхоу Главевски (7), Марија Димитровска (8), Дарија Крстевска (9) и Андреј Јовчевски (10).
Посебен печат и годинава остави Еурофарм Пелистер, кој повторно ги собра најважните признанија во градот. Македонскиот ракометен шампион е прогласен за најдобар клуб во Битола за 2025 година, потврдувајќи го статусот на спортски бренд број еден во градот.

Капитенот на клубот, Филип Кузмановски е избран за најдобар спортист во колективни спортови на Битола за 2025 година, додека голманот Никола Митревски е второпласиран од најдобрите спортистии беше дел од ТОП 10 листата.

Дополнително, признание за иднината на клубот и градот доби и Самоил Ристевски, кој е прогласен за најдобар млад спортист на Битола за 2025 година, а кадетскиот тим на Еурофарм Пелистер ја освои наградата за најдобар младински тим за 2025 година.

Еурофарм Пелистер уште еднаш покажа дека е двигател на битолскиот спорт – и на сениорско и на младинско ниво.

























