Еурофарм Пелистер му даде 43 гола на Куманово – утре ќе „навиваат“ во дербито во Автокоманда

Само еден ден по мечот од лигата на шампионите, ракометарите на Еурофарм Пелистер имаа „домашна задача“ и играа со Куманово. Со цел да имаат повеќе време пред патувањето за Данска кај ГОГ, клубовите решија оваа средба од македонското првенство наместо во Куманово да се игра во Битола.

Фаворит беа домашните и тоа го покажаа уште во првиот дел што го добија со 22-10, а на крајот резултатот беше 43-19

Сега ќе може битолчани на раат да го следат утрешното дерби во Автокоманда каде гостува лидерот Вардар. Во моментов „зелените“
заостануваат само два бода, а веќе следната недела почнува плејофот, и се пренесуваат освоените бодови во регуларниот дел. Затоа, сигурно ќе навиваат за тимот предводен од Кирил Лазаров, за да може да се намали меѓусебната бодовна разлика.

Богдан Радивојевиќ и Андреј Видомски во првото полуврем постигна заедно 16 гола од исто толку обиди, а без промашувања беше и Павле Атанасијевиќ кој имаше три гола. Беше само прашање со колкава разлика ќе победи Еурофарм Пелистер, а тренерот Алушовски им даде шанса на оние што поретко добиваа голема минутажа. Давид Брестовац беше меѓу стативите, а Мирче Калајџиоски раководеше со нападот.

Во 25 минута битoлчани зголемија на „плус 10“ за водство 18-8, а во 46 минута водеа со 33-13.

На крај од средбата Радивојевиќ даде 14 гола од 16 обиди, а Кајлаџоски имаше 6 гола од 8 обиди. Стопостотен беше Видомски 6/6 и Павле Атанасијевиќ со 8/8. Кај Куманово Христијан Вујичевски даде 6 гола, а Олег Јорданов постигна 4 гола.

Куманово остана на освоените 7 бода, и ќе води директна борба со Струга за опстанок, бидејќи само Радовиш нема освоено бодови во регуларниот дел од сезоната.
Веќе во понеделник е ждрепката за натпреварувачките броеви за разигрувањето за титулата.