Младинската екипа на Еурофарм Пелистер го совлада данскиот Алборг со 24-23 во драматичен натпревар и ќе се бори против победникот од дуелот меѓу Загреб и Фуксе Берлин за пласман во завршницата на најелитното европско клупско натпреварување.
Битолчани водеа и со пет гола, но во финишот данскиот тим успеа да се врати на минус еден, да има и напад за реми и за продолженија на овој меч, но нивната акција заврши со топка во аут, па останаа уште три секунди, македонскиот тим ја задржа топката во посед и почна битолското славје.
Георгиев беше стрелец на 12 голови, половина од сите на битолчани, пет даде Симоновски, додека по два пати погодија Василевски, Велјановски и Спировски, а еднаш стрелаше Мијалчев. Голманот Мацанковски запиша 13 интервенции, меѓу кои и три пенали. Утре битката за место на Ф4 ќе се игра од 16:30 часот во салата „Жатика“ во Пореч.
Првото полувреме што заврши во корист на битолчани со 12-11 мина во израмнета игра и со голови или одбрани едно по друго на двете страни. Ниту Еурофарм Пелистер, ниту Алборг не успеаја да се одлепат на предност од повеќе од еден гол, се до финишот.
Тогаш по една успешна интервенција на голманот Мацанковски, десното крило Георгиев кој го одбележа првиот дел со десет гола од вкупно 12 на пелистерци, успеа да погоди во контранапад за првпат највисоки плус два, 12-10. Но радоста кратко траеше, бидејќи во последната секунда Алборг намали на 12-11.
Стартот на вториот дел им припадна на битолчани. Одбраната на македонскиот тим не прими гол пет минути, а за тоа време момците на Мемиќ и Митревски погодуваа во нападот и отидоа на плус четири, 15-11. Мацанковски одново фати пенал, одбрани и зицер.
Нападот изгледаше одлично, покрај Георгиев се разиграа и кадетските репрезентативци Спировски и Симоновски, па во 45 минута беше 20-15 за Еурофарм Пелистер. По тајм-аутот на Алборг, данските ракометари заиграа подобро и ја намалија негативата на минус еден, 22-21.
Кога остануваа уште седум минути, Мемиќ побара тајм-аут, па лошата серија ја прекина Спировски со голот за 23-21. Беше и 23-22, но на 90 сеунди до крајот Спировски изнуди исклучување за Алборг и пенал за битолчани, кој го реализира Симоновски за 24-22.
Данците намалија од една тешка ситуација на 24-23, но потоа имаше уште еден пенал за битолчани, кој одново го реализираше Симоновски. Судиите проценија дека имало намера за шут во пределот на главата, па го исклучија македонскиот пивот и не го признаа погодокот.
Остануваа уште 15 секунди за Алборг, но Данците погрешија и победата остана за битолчани.
Уште еден бисер од битолската школа – Андреј Георгиев со животна партија во ЛШ!
























