Еурофарм Пелистер испиша историја како прв македонски клуб што настапи на младинската Лига на шампиони, чие премиерно издание кулминираше со Ф4 турнирот во Келн, како увертира за сениорскиот спектакл во Ланксес Арена, а битолчани го имаат најдобриот стрелец во елитата – Алем Хаџиќ.
Битолскиот тим го освои четвртото место, по поразите од шампионот ГОГ Гудме од Данска и од моќната Барселона, која ја освои бронзата. Иако без медал, пелистерци можат да бидат горди на својот настап меѓу ракометната елита.
Како дополнителна потврда за квалитетот, дојде и признанието за најдобар стрелец на турнирот – токму за ракометар на Еурофарм Пелистер!
Алем Хаџиќ, босанскиот бек на „зелено-белите“, постигна вкупно 40 гола на четири натпревари – 12 пати стрелаше против Динамо Букурешт, 14 пати против Келце, на ГОГ Гудме му даде четири гола, додека на последната средба против Барса постигна десет погодоци.
Зад него на листата на стрелци останаа Анселмо Коладо од Барселона со 35 гола, и Емил Соренсен од ГОГ со 31 погодок.