Ракометарите на Еурофарм Пелистер 2 не успеаја да пружат поголем отпор на „сино-белите“ од Автокоманда и дома останаа без бодови, откако гостите се радуваа на триумф во Битола со 36-22.
Гостите со овие бодови сега имаат 33 на третото место исто колку Охрид, но шампионот Еурофарм Пелистер вечерва ќе ги помине на табелата. Еурофарм Пелистер 2 останува на досешните 17 и има мали шанси за ТОП 6.
Избраниците на Кирил Лазаров поведоа по десетина минути игра со 7-2 и веднаш најавија дека се дојдени по бодови. Потоа константно ја зголемуваа предноста, а на паузата беше 20-12.
Доминираа на гостинскиот гол Иван Галевски и Марко Кизиќ, а домаќините немаа многу решенија во нападот, иако имаа неколку добри моменти во второто полувреме што беше премалку за нешто повеќе на овој меч.
Најдобри стрелци во победничкиот тим беа крилата Тордарсон со осум и Костески со пет гола, додека Галевски и Кизиќ комбинираа 20 интервенции. Кај битолчани се истакна Бен Махмуд со осум гола, а триото голмани – Јовановски, Фехми и Младенов собраа седум одбрани, па оттука доаѓа фактот дека голманите беа клучен фактор за високиот гостински триумф.
Во следното коло, Еурофарм Пелистер 2 му гостува на Радовиш, додека тимот на Лазаров ќе игра на гостински терен против Струга.


























