Еурофарм Пелистер 2 нема конкуренција во Првата лига

Тимот на Еурофарм Пелистер 2 запиша нова победа и сега има осум од осум на првата позиција во групата А, откако славеше над Овче Поле со 46-17.

Победникот беше решен уште по првите десетина минути кога беше 6-1, потоа и 10-2 и веќе беше јасно каков натпревар ќе гледаме до крај.

До паузата беше 22-6, а тренерот на домашните, Александар Зарков, ги изротира сите ракометари и сите освен голманите Јовановски и Младенов се запишаа во листата на стрелците.

Најдобри беа Марко Димовски со 11 и Бојан Гичев со пет погодоци, додека кај тимот од Свети Николе, се истакна Иван Димчевски со шест гола.

Еурофарм Пелистер 2 веќе може да ги прави плановите за плеј-офот, а во следното коло ќе игра на гости кај Мулти Есенс, додека Овче Поле е слободен.